Како самите бесплатно да направите лого и графики за социјални мрежи за вашата нова фирма?
- By zemimk
- In Инфо
- With No Comments
- Tagged with бесплатно лого дизајн на лого направи лого
- On 22 Јан | '2022
Креирањето на лого и брендинг за вашата нова фирма или бренд ни најмалку не е наивен чекор, ниту треба да биде една од задачите која ќе ја сместите во оние помалку битните, за кои воопшто нема да издвоите финансии или тоа ќе се сведе на доволно средства за да добиете генерички графички решенија. Добриот брендинг во денешно време може да биде пресуден за успехот на вашата компанија. Паметно креиран брендинг ќе ја зголеми довербата кај вашите потрушувачи и клиенти, ќе ја зголеми нивната наклонетост кон вашите производи и услуги, ќе ја држи мотивацијата кај вашите вработени, за на крај позитивно да влијае на остварениот профит на компанијата.
Пред да преминете кон креирање на лого, проверивте ли дали соодветниот .mk домен е слободен? Доколку се уште не сте кликнете овде и проверете бесплатно.
Сепак, доколку бизнисот го започнувате со тесен буџет и некако сте ја оправдиле одлуката да не трошите пари на уникатно лого и брендинг, тогаш би ве советувале тоа да го сторите самите како би се заштитиле од несакани коментари, а би ги поштедиле и домашните графички дизајнери, кои „обожаваат“ клиенти со тесен буџет и нула почит за нивниот занает.
Постојат повеќе бесплатни креатори на логоа, сепак мал дел од нив поддржуваат македонско кирилично писмо. Поради тоа во нашево упатство ќе се задржиме на „Logo Maker“ сервисот на „Adobe“. Процесот на креирање на лого со билдерот на Adobe е прилично едноставен и се состои во само 3 чекора.
На почеток кликнете овде и внесете ги деталите за вашиот бизнис.
- Во полето 1 внесете ја индустријата или категоријата на вашиот бизнис на анлиски јазик. За потребите на нашиот пример во полето 1 ќе внесеме „makeup“.
- Во полето 2 ќе го внесеме името на нашиот бизнис. Овде можете да внесете и кириличен стринг. Ние ќе внесеме „Мачка“.
- Полето 3 е незадолжително, и се однесува на слоганот на вашиот бизнис. Ние овде ќе внесеме „македонска органска козметика“. Вие внесете го слоганот за вашиот бизнис, или оставете го ова поле непополнето, доколку не сакате слоганот да биде дел од вашето лого.
По пополнување кликнете „Next“. На следниот чекор изберете стил за вашето лого.
- „Bold“ – „Болд“ логоата вклучуваат поедноставени фонтови, смели контрастни бои како црна, сина или црвена, квадратни форми и избегнување на употреба на какви било курзивни фонтови или украси. Друг начин да се дизајнира „болд“ лого е да се даде побунтовнички и дрзок изглед.
- „Elegant“ – Во својата суштина елегантните логоа се карактеристизираат со грациозност и посебна привлечност кои пред се доаѓаат од зрелоста и софистицираноста во дизајнот, но сепак оставаат чувство на пристапност. За разлика од „Болд„ логоата, кај елегантните, неретко се среќаваат курзивни фонтови и украси.
- „Modern“ – Модерниот лого дизајн е збир на класични и трендовски елементи, кои се комбинираат за да создадат симбол или лого што изгледа свежо. Денешниот модерен дизајн е претставен со елегантни линии, едноставни букви, бои и високо дефинирани елементи.
- „Decorative“ – Декоративните логоа се логоа кои се карактеристични по употребата на рачно пишувани фонтови, како и рачно цртани симболи.
Изберете го стилот на лого кој најмногу одговара на вашата визија. Доколку не сте сигурни што да изберете, стилот можете и подоцна да го менувате. Ние избравме „Elegant“.
По избор на стил, ќе бидете пренасочени кон страницата за избор на икона за вашето лого. Овде, во полето внесете поим на англиски, како би ви се излистале филтрираните икони од илијадниците кои се достапни. Ние, бидејќи нашиот бренд се вика „Мачка“ внесовме „cat“. Пример, доколку креирате лого за пицерија внесете „pizza“, „salami“, „cook“, „italy“ или поим кој најдобро се вклопува во визијата за вашиот бренд. Ова е единствениот чекор кој ви овозможува да бидете креативни, затоа посвете му повеќе внимание. Избор на соодветна, карактеристична и лесно препознатлива икона може позитивно да влијае врз успехот на вашиот бизнис.
Откако ќе изберете икона и кликнете „Next“ ќе бидете пренасочени кон страницата каде ќе бидат генерирани повеќе варијации од вашето лого. Доколку некое ви се допаѓа и нема потреба од измени, кликнете на „Download“, по што ќе бидете запрашани да се регистрирате бесплатно или да се најавите доколку веќе сте регистрирани.
Доколку сакате дополнително да го доработите логото, кликнете не „Customize more“. По најава ќе ви се отвори едиторот каде ќе можете да вршите дополнителни измени. Откако ќе го добиете посакуваниот дизајн кликнете не „Download“ во говниот десен агол. Симнете „PNG“ верзија со „Solid background“, како и „Transparent PNG“. И двете ќе ви бидат од корист во иднина. Ние нашето дополнително го едитиравме за да на крај се задоволиме со следниот дизајн. Вака преземената слика можете да ја искористите како профилна слика на социјалните мрежи.
За да креирате бесплатни графики за вашиот бренд појдете повротно на „Adobe CC Express“ (кликнете овде). Најавете се доколку не сте го сториле тоа и кликнете на иконата со „+“ во горниот лев агол, како би почнале нов проект. Изберете Facebook или Instagram post, или формат кој вам ви одговата, па изберете некој од бесплатните темплејти кои ќе ви се излистат. Бесплатни се оние темплејти кои немаат мала црна икона со портокалова круна во десниот долен агол. Ние во полето за пребарување внесовме „makeup“ како би ни се исфилтрирале темплејти кои осговараат на нашата индустрија.
По избор на темплејт, отстранете или едитирајте го текстот и сликите кои доаѓаат со истиот, прикачете го логото („Transparent PNG“, или верзијата без позадина) кое го направивме претходно…
… и може да преминете кон преземање на дизајнот со клик на „Download“ исто така во горниот десен агол. Ваквата готова графика може да ја прикачете на Facebook како кавер фотографија или како пост.