Zemk.mk – Блог

DNS зоната е местото каде се запишани сите DNS записи за вашиот домен и преку неа се одредува каде ќе води доменот, каде ќе работи е-поштата и како ќе бидат поврзани другите услуги со него.

Во Земи.мк, начинот на кој ќе ја менувате DNS зоната зависи од тоа каде водат именските опслужувачи на доменот.

Доколку имате само домен и не користите хостинг пакет, со правилно поставување на именски опслужувачи, DNS записите можете да ги менувате преку вашиот кориснички профил. Ако именските опслужувачи на доменот се поставени кон хостинг пакетот што го користите, тогаш DNS промените се прават преку cPanel-от.

Овој водич ќе ви помогне лесно да препознаете кој начин е правилен за вас и како чекор по чекор да ја направите промената.

Кога DNS записите се менуваат преку кориснички профил?

Промената преку кориснички профил е соодветна кога имате домен и сакате DNS зоната да ја управувате директно од кирисничкиот панел на Земи.мк.

Ова е особено корисно кога корисникот на доменот не користи хостинг пакет, или кога корисникот има други надворешни сервиси за креирање на веб страница како Shopify, Loveble и сл.

Во таков случај, доколку се постават именските опслужувачи што се прикажани во панелот за DNS зона, односно n30.zemi.mk и n31.zemi.mk, можете да ја активирате DNS зоната и потоа да ги менувате DNS записите директно преку корисничкиот профил.

Кога DNS записите се менуваат преку cPanel?

Ако доменот користи исти именски опслужувачи кои водат кон хостинг пакетот што го имате, тогаш DNS зоната вообичаено се менува преку cPanel.

Ова значи дека доменот е поврзан со хостинг околината, па затоа управувањето со DNS записите се врши од самиот хостинг панел. Најчесто таму ќе ги менувате записите како A, CNAME, MX или TXT, особено ако доменот веќе има активна веб-страница или е-пошта на истиот хостинг.

Наједноставно кажано, ако DNS-от го управувате како самостоен домен, работите преку кориснички профил, а ако доменот е врзан со хостинг пакет и ги користи именски опслужувачи кои водат кон истиот, работите преку cPanel.

Како да ја измените DNS зоната преку кориснички профил на Земи.мк

Постапката е едноставна и се прави директно од вашиот кориснички профил.

Најпрво најавете се на вашиот профил на Земи.мк. Откако ќе се вчитa работната табла, од левото мени изберете Домени. Таму ќе ви се прикажат сите домени што ги имате на профилот.

Од листата кликнете на Детали за доменот за кој сакате да направите промени. Со тоа ќе се отвори страната со информации за избраниот домен, каде ќе ги видите основните податоци, именските опслужувачи и другите достапни опции за управување.

Потоа изберете Измени DNS зона.

Ако DNS зоната сè уште не е активирана, системот ќе ви прикаже информација дека за да ја користите DNS зоната, треба да ги поставите соодветните именски опслужувачи. Во овој дел ќе видите и кои именски опслужувачи треба да се користат, односно n30.zemi.mk и n31.zemi.mk.

Именските опслужувачи за доменот можете да ги измените во управувачкото мени за доменот одосно во Детали за доменот во делот на Именските осплужувачи изберете Измени


Откако ќе бидете на оваа страница, кликнете на Активирај DNS.

Тука е многу важно да се внимава на следново:
кога ќе започне активирањето, потребно е да се почека процесот целосно да заврши. Не ја рефреширајте страницата и не ја затворајте додека трае активирањето.

По успешно активирање, DNS зоната ќе стане достапна за уредување и ќе можете да ги гледате и менувате постоечките DNS записи.

Во табелата ќе ви се прикажат записите за доменот, а до секој запис ќе имате опција за измена. Кога ќе кликнете на уредување, се отвора форма во која најчесто ќе ги видите полињата:

Name – името на записот, односно доменот или поддоменот на кој се однесува записот
TTL – времето за освежување на записот
Type – типот на DNS записот
Address / Data – вредноста што сакате да ја внесете

Откако ќе ја направите потребната промена, зачувајте ги измените.

На овој начин можете да уредувате различни DNS записи, зависно од тоа што сакате да постигнете. На пример, ако сакате доменот да води до одредена IP адреса, најчесто ќе менувате A запис. Ако сакате поддомен да покажува кон друг домен, обично ќе користите CNAME. Ако подесувате е-пошта или верификација за некоја услуга, можно е да треба да додадете MX или TXT запис.

Како да ја измените DNS зоната преку cPanel

Доколку доменот користи исти именски опслужувачи како хостинг пакетот што го имате, тогаш DNS записите се менуваат преку cPanel.

За почеток, најавете се во cPanel на вашиот хостинг пакет. Во cPanel побарајте ја алатката за DNS менаџирање која е означена како Zone Editor.
Откако ќе ја отворите алатката, ќе ви се прикаже листа на домени што се поврзани со вашиот хостинг пакет. Изберете го доменот за кој сакате да правите промени.

Потоа можете да додадете нов запис или да измените постоечки. Во зависност од потребата, ќе изберете тип на запис, ќе го внесете името, вредноста и останатите потребни полиња, па ќе ги зачувате промените.

Секогаш прво проверете дали доменот навистина користи исти именски опслужувачи како хостинг пакетот. Тоа е најважниот чекор, затоа што од него зависи дали промената треба да се направи во корисничкиот профил или во cPanel.

Што е важно да знаете пред да направите DNS промена

DNS промените не секогаш се применуваат веднаш. Иако понекогаш измената може да стане видлива за кратко време, во одредени случаи потребно е повеќе време за целосно освежување.

Причината за тоа е што DNS записите се кешираат и се обновуваат според вредноста на TTL, како и според мрежите и провајдерите преку кои се прави проверката. Затоа е нормално кај некои корисници промената да се појави побрзо, а кај други подоцна.

Поради тоа, откако ќе направите промена, добро е да почекате извесен период пред да заклучите дека нешто не функционира. Особено ако менувате записи поврзани со веб-страница, е-пошта или верификациски сервиси.

Како да знаете кој начин е правилен за вас

Ако имате само домен и сакате директно од профилот да управувате со DNS зоната, активирајте ја DNS зоната во корисничкиот профил и користете ги именските опслужувачи што се наведени.

Ако доменот е веќе поврзан со хостинг пакет и ги користи истите именски опслужувачи како хостингот, тогаш DNS записите менувајте ги преку cPanel.

Кога ова ќе го разберете, целиот процес станува многу поедноставен и избегнувате да правите промени на погрешно место.

Промената на DNS зона не мора да биде комплицирана, ако однапред знаете каде треба да ја направите.

Доколку не сте сигурни кој DNS запис треба да го внесете или каде точно треба да ја направите промената, контактирајте ја поддршката на Земи.мк за насока пред да продолжите.

Бесплатна WHOIS заштита за сите активни .mk домени arrow-right
Next post

arrow-left WordPress SEO, оптимизација на вашата WP страница за пребарувачи (Google) - практичен водич од Zemi.mk
Previous post

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *